Балкан

Разговори меѓу претседателот и премиерот на Косово за состојбата во северниот дел на земјата

Разговори меѓу претседателот и премиерот на Косово за состојбата во северниот дел на земјата

Косовската претседателка Вјоса Османи и американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер синоќа разговарале за последните случувања на северот од земјата, јавуваат локалните медиуми, повикувајќи се на соопштение од кабинетот на Османи.

„Претседателот Османи ја истакна посветеноста на институциите на Република Косово да гарантираат безбедна средина за сите граѓани на земјата во целосна координација со американските и европските сојузници“, се вели во соопштението.

Американската амбасада во Приштина вчера нагласи дека повлекувањето на косовските Срби од институциите на земјата не е решение за актуелните спорови и има потенцијал за дополнително ескалирање на тензиите на теренот.

„Сите засегнати страни мора да преземат чекори за намалување на тензиите и обезбедување мир и стабилност. Акциите и реториката што ја зголемуваат можноста за насилство непотребно ги загрозуваат животите на невините луѓе и членовите на меѓународните мировни сили“, се вели во соопштението на американската амбасада.

Косовскиот премиер Албин Курти, пак, синоќа разговарал со командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча за ситуацијата во северно Косово, соопшти косовската влада.

„Се разговараше за посветеноста и координацијата меѓу владата, институциите на Република Косово и мировните сили на НАТО на Косово (КФОР) во служба на мирот, како и одржувањето на јавниот ред и безбедност за сите граѓани на Косово. “, се вели во соопштението.

На средбата со командантот на КФОР присуствуваа и вицепремиерот за евроинтеграции, развој и дијалог Бесник Бислими и министерот за внатрешни работи Јељал Свечлија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни