Македонија се наоѓа над европскиот просек според застапеноста на странски студенти на универзитетите. Речиси 10 проценти од студентската популација во земјава ја сочинуваат странски државјани, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2024 година.
Од вкупно 58.334 студенти запишани на високообразовните институции во Македонија, 5.807 се од странство. Тоа значи дека речиси секој десетти студент во земјава доаѓа од друга држава.
За споредба, просекот во Европската Унија изнесува 8,7 проценти. Во 2024 година на универзитетите во земјите членки студирале вкупно 1,65 милиони странски студенти. Од нив, околу 514.590 биле државјани на други членки на Унијата, додека 1,14 милиони доаѓале од земји надвор од ЕУ.
Бројот на странски студенти во Европската Унија бележи континуиран раст од 2016 година, кога почнало собирањето на овие податоци и кога биле регистрирани 1,2 милиони студенти. Во 2023 година бројката надминала 1,5 милиони, а меѓу 2023 и 2024 година е забележан дополнителен пораст од четири проценти.
Германија и натаму е најпосакуваната дестинација за странските студенти во ЕУ, со 438.260 запишани студенти. На второ место е Франција со 284.865, а на трето Холандија со 176.470 студенти. Овие три држави заедно привлекуваат 54,5 проценти од сите странски студенти во Унијата.
Кога станува збор за уделот на странските студенти во вкупната студентска популација, на врвот е Луксембург, каде што тие сочинуваат 51,5 проценти. Следуваат Малта со 35,6 проценти, Кипар со 21,6 и Австрија со 20,8 проценти.
На спротивната страна се Грција со 2,6 проценти, Хрватска со 3,5 и Шпанија со 4,6 проценти, каде што е регистриран најнизок удел на студенти од странство.
Студентската мобилност е меѓу приоритетите на образовната политика на Европската Унија. Во рамки на Европскиот образовен простор, целта е до 2030 година најмалку 23 проценти од дипломираните студенти да имаат искуство со студирање или учење во странство.
Дополнително, Унијата има поставено цел секоја година да привлекува најмалку 350.000 студенти од земји надвор од ЕУ.