Украинската влада остро ја критикуваше руската еднострана најава за рути за евакуација на цивилите кои се обидуваат да избегаат од конфликтот.
Украинскиот вицепремиер Ирина Верешчук го опиша рускиот предлог како неприфатлив, особено затоа што сите коридори освен еден водат кон Русија или блискиот сојузник Белорусија.
Во меѓувреме, официјален претставник на една хуманитарна организација ја опиша најавата како „цинична, но и непрактична, без никаква подготовка“.
Рускиот предлог во понеделникот се чини дека не е разработен во консултација со која било меѓународна организација, како што се Обединетите нации или Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).
Руската државна новинска агенција ТАСС навистина соопшти дека овие организации биле известени — но најавените маршрути веројатно многумина нема да ги сметаат за практични.
Сите коридори освен еден ги оставаат цивилите во неизвесна иднина во Русија или Белорусија, додека неколку правци ќе минуваат низ области на активен конфликт. ТАСС соопшти дека штом во Русија, цивилите ќе бидат преместени со „воздушен, железнички и патен транспорт до одредени дестинации или места за привремено сместување“.
Најавата, исто така, се чини дека е поставена како ултиматум до украинските власти, токму во моментот кога треба да започне уште една рунда разговори.
„Бараме од украинската страна строго да ги исполни сите услови за создавање хуманитарни коридори во наведените правци и да обезбеди организирано повлекување на цивилите и странските граѓани“, се вели во соопштението, пренесе ТАСС.
Соопштението од понеделникот уследи по двата неуспешни обиди во текот на викендот да се отвори коридор од опколеното пристаниште Мариупол, што МКЦК се обиде да го олесни.
Скептицизмот кон рутите се зголеми откако евакуацијата на цивилите беше прекината за неколку часа и во саботата и во неделата, при што руските сили беа обвинети за прекршување на договорениот прекин на огнот.
Говорејќи за „Тудеј“ на Би-Би-Си Радио 4, Доминик Стилхарт, директор за операции на МКЦК, рече дека остануваат проблемите во потврдувањето на деталите за каков било договор за прекин на огнот.
Стилхарт рече дека предизвикот е да се натераат двете страни до договор кој е „конкретен, активен и прецизен“.
Тој додаде дека досега имало само „начелни договори“, кои веднаш се расипале бидејќи немале прецизност, во однос на рутите и кој може да ги користи.
Илустрирајќи ја својата поента, тој рече дека дел од персоналот на МКЦК се обидел да излезе од Мариупол по договорената рута во неделата, но набрзо сфатил дека „патот што им е посочен е всушност миниран“.