Народното собрание на Република Српска (НС РС) на денешната седница го усвои Законот за заштита на здравјето на населението од тутунски и други производи за пушење.
Со законот се предвидува забрана за пушење во затворени простории, а за оние што ќе ја прекршат оваа одредба е предвидена парична казна од 1.000 до 2.000 конвертибилни марки.
На седницата беа усвоени и амандмани на Клубот на пратеници на СНСД, со кои, меѓу другото, почетокот на примената на одредени одредби од законот се продолжува од шест месеци на една година.
Овој закон ќе биде објавен во Службениот гласник на Република Српска, а ќе стапи на сила на 1 август 2026 година.
Министерот за здравство на Република Српска, Ален Шераниќ, во образложението на законот нагласи дека правните лица ќе бидат казнети со износ од 3.000 до 6.000 конвертибилни марки доколку не постават знак за забрана на пушење, доколку постават пепелници или одредат просторија за пушење спротивно на законот.
„Во затворените простории во кои пушењето е забрането мора јасно да бидат истакнати ознаки со знак за забрана и натпис ‘забрането пушење’. Во таквите простории не смеат да се чуваат пепелници, ниту какви било садови во кои би можел да се одлага пепел“, изјави Шераниќ.
