Раководството на огранокот на ДПА во Сопиште, како и општинскиот советник ја напуштија партијата. Велат дека имале многу причини за ваквата одлука, но како што објаснуваат, чашата се прелила по последното гостување на Мендух Тачи во емисијата „Клик Плус“. Бајрам Бајрами, советник во општината Сопиште, рече дека однесувањето на Тачи е несовесно, бидејќи како што вели, за ги заштити личните интереси користел клевети и етикетирање кон другите.
-Имаше многу причини зошто одлучивме да заминеме од партијата во која сме 20 години. Одлуката ја донесовме по заседавањето на раководството и едногласно ја напуштивме партијата. За причините напишав и на мојот Фејсбук профил, но она во „Клик Плус“ беше врвот. Во моментов не сме блиски со ниту една политичка партија, но очекуваме понуди и од партиите кои се во Влада, но и од оние надвор-вели Бајрам Бајрами.
Една од изјавите на Тачи која ги „погодила“ активистите на огранокот на ДПА во Сопиште, е дека ќе преговара со секоја партија само за да седне во вицепремиерската фотелја.
-И ДУИ нема да ја третирам како непријател. Ако ДУИ разговара со ДПА, нека го има предвид предусловот кој го поставив – да станам вицепремиер. Подготвен сум да разговарам и пред, но и по изборите. Верувам во она што го говорам – нема да ја третирам ДУИ како непријател-рече Тачи.
ТВ21 се обиде да добие став од Централното раководство на ДПА, но од таму сѐ уште без коментар за повлекувањето на членовите на партискиот огранок во Сопиште.