Персонализираниот револвер со кутија боева муниција, специфичниот подарок кој турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им го врачи на лидерите на самитот на НАТО, ќе пристигне во Северна Македонија преку дипломатска пошта. Од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за 4NEWS.mk потврдуваат дека оружјето е примено преку државниот протокол, но шефицата на државата нема да го користи, ниту пак ќе има каков било физички контакт со него.
„По пристигнувањето во Скопје, подарокот ќе биде соодветно евидентиран во претседателскиот кабинет. Постапката понатаму ќе се одвива строго согласно националниот Закон за оружје, со што се гарантира безбедното и законско управување со овој невообичаен државен подарок“, велат од Кабинетот на Давкова.
Различни пристапи на европските лидери
Подарокот на Ердоган, иако придружен со специјална белешка со која се откажува од примената на извозните ограничувања, предизвика логистички предизвици за европските лидери поради строгите национални регулативи за огнено оружје.
Британскиот премиер Кир Стармер потврди дека секој од лидерите добил идентичен револвер на кој е изгравирано името на примателот. Сепак, поради ригорозните британски прописи за увоз и поседување оружје, Стармер одлучил својот револвер да го остави во Турција со цел да биде трајно деактивиран пред воопшто да биде транспортиран кон Лондон.
Сличен, но административно поразличен пристап имаше и Германија. Како што потврди портпаролот на германската влада, револверот што му бил подарен на германскиот канцелар Фридрих Мерц веднаш бил предаден во нивната амбасада. Оттаму ќе биде спроведена целосната царинска и правна постапка за законски увоз, по што оружјето ќе биде трајно сместено и евидентирано во официјалната германска збирка на државни подароци.