Македонија

Ристески: Цените се под контрола и засега нема потреба од вонредни мерки, од есен драстично ќе се зголемат казните за нефер трговија

Ристески: Цените се под контрола и засега нема потреба од вонредни мерки, од есен драстично ќе се зголемат казните за нефер трговија

Инфлацијата и цените на основните производи во земјава се под контрола, а Владата засега не планира воведување нови вонредни мерки, оцени заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Тој потенцираше дека со намалувањето на акцизата и ДДВ-то за горивата, Македонија успеала да ги задржи најевтините нафтени деривати и основни прехранбени производи во регионот.

Според анализите на Државниот пазарен инспекторат врз 700 производи, не е забележан значителен скок на цените, а кај сезонските земјоделски производи и овошјето се бележи и намалување. Минималните корекции кај одредени артикли се должат исклучиво на глобалните транспортни трошоци и увозната зависност од суровини.

„Нашата цел е цената на горивата да остане пониска во однос на соседството за да не предизвикаме галопирачки бран на поскапувања. Секоја мерка мора добро да се анализира за да не ја нарушиме куповната моќ на граѓаните или да предизвикаме дополнителна инфлација. Засега нема потреба од нови интервенции, но доколку се укаже потреба, ги имаме сите законски механизми на располагање“, изјави Ристески.

Заменик-министерот најави дека веднаш по летните одмори во собраниска процедура ќе влезат измените на Законот за нефер трговски практики. Со овие измени се предвидува десеткратно зголемување на глобите — кои од сегашните 20.000 евра ќе пораснат значително, а ќе се воведат и санкции за добавувачите кои прифаќаат нефер услови. Новите законски правила се очекува да бидат усвоени пред Нова година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни