Изборот на независни и искусно доказани кадри е од суштинско значење за стабилноста на енергетскиот сектор, посебно во пресрет на есенскиот и зимскиот период кој носи геополитички и пазарни предизвици. Ова го истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, правејќи пресек на неговите први шест месеци од стапувањето на функцијата.
Ристов, кој на позицијата претседател на РКЕ дојде во април годинава, нагласи дека управувањето со ова тело бара длабоко познавање на реалниот сектор и сложените процеси во енергетиката.
„Ако го немав тоа искуство од енергетиката за кое работев цел живот, тешко дека кој било би можел брзо да се справи со оваа проблематика. РКЕ е на исклучително осетлива и стратешки важна позиција каде што се вкрстуваат интересите на енергетските компании, државата и граѓаните“, истакна Ристов.
35 години искуство во реалниот сектор и менаџментот
Запрашан за неговиот професионален бекграунд и дали претходната ангажираност во приватниот сектор претставува пречка за независното одлучување, Ристов појасни дека ги прекинал сите бизнис-врски пред да ја преземе функцијата, согласно сите законски прописи.
Тој потенцираше дека зад себе има 35 години работно искуство како дипломиран електроинженер, но и драгоцено менаџерско искуство стекнато за време на градоначалничкиот мандат во Општина Радовиш.
„Законите јасно пропишуваат дека за оваа позиција се потребни најмалку 15 години искуство во енергетиката. Доколку ги немате поминато сите чекори во системот — од добивање лиценци и одобренија, до разбирање на влијанието врз индустријата — не можете ефикасно да управувате. Оваа позиција ја доживувам како можност моето акумулирано знаење да го вложам во општеството“, изјави претседателот на РКЕ.
Нов и потранспарентен модел за избор на претседател
Во однос на независноста на институцијата и одвоеноста од политички влијанија, Ристов укажа дека за првпат изборот на претседател на РКЕ е спроведен по нов законски механизам, каде што целосниот процес се одвива преку Собранието, а не по предлог на Владата.
„Сега изборот се врши по објавен јавен оглас од страна на Собранието, со комисиска селекција и гласање на пленарна седница. Ова е најтранспарентниот начин за поставување на прв човек на регулаторно тело, со што се елиминираат сите можни политички притисоци“, потенцираше Ристов.
Тој заклучи дека во претстојниот период, РКЕ заедно со стручните тимови ќе работи на иновативни решенија и стабилни одлуки кои ќе бидат исклучиво во интерес на граѓаните и зачувување на стабилноста на енергетскиот систем во земјава.