Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани реагираат на барањето на адвокатот Петре Шилегов Јавното обвинителство повторно да го преиспита кривично-правниот настан, посочувајќи дека не може да се прави споредба меѓу 13-годишното незаконско работење на објектот и други случаи со различна правна основа и одговорност.
Во прес-изјавата, родителите нагласуваат дека добро знаат зошто обвинетите се на обвинителната клупа и потсетуваат дека одговорноста за безбедноста на граѓаните и законското работење на објектите ја имаат и надлежните институции.
Тие јавно прашуваат кој бил должен да ги контролира безбедносните планови, елаборатите, минимално-техничките услови и лиценците, посочувајќи ги Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и останатите контролни органи.
Според родителите, токму незаконското постапување и непостапувањето што им се ставаат на товар на обвинетите, согласно обвинението, придонеле за загрозување на човечките животи и трагичните последици.
Во реакцијата се осврнуваат и на денешното судско рочиште, на кое се сослушува вештакот на „Венци Проект“. Притоа, отвораат прашања за проектната документација за која, како што наведуваат, во судницата било посочено дека била изработена пред реконструкцијата на дискотеката.
Родителите прашуваат кој ја проверил и одобрил документацијата, дали биле испочитувани законските процедури и како било дозволено нејзиното користење. Тие нагласуваат дека документацијата не смее да служи како оправдување за евентуалните незаконитости и институционалните пропусти.
„Ако надлежните навреме постапеле и го затвореле објектот, „Пулс“ немало да работи на 16 март 2025 година! А цената за тие пропусти ја плативме ние, родителите, со најсветото што го имавме – нашите деца“, порачуваат родителите на загинатите.