„Ројтерс“ имал увид во нацрт документот: Датум за преговори со Северна Македонија, но не и за Албанија

Германија предлага одвојување на Северна Македонија и Албанија во обид да постигне компромис помеѓу сите земји членки на ЕУ на 15-ти октомври за одредување на датум за старт на преговори. Агенцијата „Ројтерс“ повикувајќи се на нацрт документот во кој нивните новинари имале увид, пишува дека додека најголемите земји членки аплаудираат на Северна Македонија за Договорот од Преспа кој долги години го блокираше интеграцискиот процес, во исто време покажуваат голема загриженост за високата корупција во Албанија.

-Според планот предложен неделава до министрите на 28-те земји членки кои треба да дискутираат кон средината на октомври е можен компромис помеѓу оние се обидуваат да ги приближат балканските земји до ЕУ и оние кои пружаат отпор како Франција, Холандија и Данска-пишува Ројтерс.

Агенцијата потсетува дека Германија пред неколку недели гласаше за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, но со дополнителни услови за Тирана.
Во нацрт-заклучоците на Советот на министри се предлага Северна Македонија да ги започне преговорите пред крајот на оваа година, но не и Албанија.

Во, нацрт документот се вели:

„Со оглед на постигнатиот напредок, ЕУ одлучува да започне пристапни преговори со Северна Македонија. Првата меѓувладина конференција односно првиот состанок помеѓу земјата аспирант и ЕУ треба да се одржи до крајот на 2019-та.“

Иако начелно нацрт-заклучоците предвидувале иста реченица и за Албанија, таа е отстранета во последната верзија и не се предлага датум за првата меѓувладина конференција со Тирана. Наместо тоа се набројуваат неколку претходни услови, пред сѐ во делот на судството и борбата против корупцијата. ЕУ дипломат, за Ројтерс вели дека усвојувањето на овие заклучоци ќе зависи од Франција, каде одлуката ќе ја носи лично Емануел Макрон. Текстот нагласува дека Холандија, друга земја со големи резерви кон проширувањето, е повеќе наклонета кон Северна Македонија отколку кон Албанија.

Иако е предвидено одлуката да се донесе на 15-ти октомври во Луксембург, не е исклучено досието да се префрли на самите шефови на држави и влади каде Меркел и Макрон ќе се обидат да постигнат компромис. Според Ројтерс, две опции се можни, едната е да се дадат дополнителни услови пред да започнат преговори, другата е да се одвојат Северна Македонија и Албанија.

Извор: ТВ21