Балкан

Романскиот претседател Никушор Дан: Се наѕира опција за влада во малцинство

Романскиот претседател Никушор Дан: Се наѕира опција за влада во малцинство

Романскиот претседател Никушор Дан изјави дека по консултациите во претседателската палата Котрочени се наѕира решение со влада во малцинство, пренесе агенцијата Агерпрес.

Никушор Дан вчера одржа консултации со сите парламентарни партии, откако во понеделник предложениот кандидат за премиер Адријан Вештеа не успеа да обезбеди доволен број гласови за да стапи на функција. Тоа беше прв предлог за состав на влада што го одби парламентот. Според уставот, доколку законодавниот дом во рок од 60 дена одбие два предлога за влада, се отвора можност за предвремени избори, кои досега не биле одржани во Романија. Земјата е во политичка криза од 5 мај, кога по изгласан недоверба падна владата на широката проевропска коалиција.

„Денес имав консултации со партиите и пратеничките групи за изнаоѓање решение за излез од политичката криза во која се наоѓаме. Варијантата што се очертува е влада во малцинство, заснована на предварително договорен парламентарен договор“, напиша синоќа Никушор Дан на социјалната мрежа Икс. Тој ги повика парламентарните партии да започнат разговори за склучување таков договор, по што да предложат формула за влада во малцинство, која ќе добие поддршка согласно договореното. „Целиот процес мора да се одвива со забрзано темпо, бидејќи итно е потребна функционална и стабилна влада“, додаде претседателот.

Адријан Вештеа беше предложен за мандатар на 14 јуни, откако првиот номиниран — европратеникот Еуџен Томак — го врати мандатот без гласање во парламентот. Номинацијата на Вештеа предизвика тензии во Национално-либералната партија на в.д. премиерот Илие Боложан, бидејќи не беше усогласена со раководството, кое реши да го исклучи Вештеа и неговите поддржувачи.

На вчерашните консултации кај претседателот, либералите предложија влада во малцинство во која би влегле Национално-либералната партија, Сојуз за спасение на Романија и Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија. Според лидерот на либералите Илие Боложан, друга можна опција е влада во малцинство предводена од Социјалдемократската партија, откако таа формација, заедно со крајната десница, го иницираше сегашниот недоверлив предлог. Социјалдемократите на консултациите изразија подготвеност да ја преземат одговорноста за владеењето.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни