Тројца странци, меѓу кои двајца руски државјани и еден со украински пасош, се обиделе да влезат во воена фабрика во градот Грамши во централна Албанија. Кога интервенирала војската, тие им го испрскале лицето со спреј и сега двајца припадници на обезбедувањето се хоспитализирани со ризик да го загубат видот. Ова го објави „Ројтерс“, повикувајќи се на албанското Министерство за одбрана во врска со инцидентот што се случи вчера во 17:40 часот во близина на градот Грамши (или Грамш).
Според верзијата на министерството, чувар во воената фабрика забележал сомнително однесување на маж кој влегол во теренот и фотографирал. Војниците забележале и две лица надвор од чуваниот простор – маж и жена кои ги „придружувале“ приведените. Наскоро и тие беа приведени, соопшти албанското Министерство за одбрана.
Властите даваат само податоци за нивната возраст и иницијали. Порталот AlbaniaDailyNews, повикувајќи се на полицијата, прецизира дека се работи за 23-годишниот Михаил Зорин и 33-годишната Светлана Тимофеева.
Премиерот на земјата на НАТО, Еди Рама, рече дека уапсените се „осомничени за шпионажа“. Руската амбасада се уште нема добиено информации од албанските власти за приведување руски државјани, пренесува РИА Новости повикувајќи се на дипломатската мисија.
Воената фабрика Грамши е државно претпријатие основано во раните 1960-ти за производство на автомати во кинески стил. Од 1974 година овде се произведуваат калашникови АК-47, а оружјето се одржува и поправа. Во последно време меѓу неговите активности беше и уништувањето на застарена муниција, јавуваат албанските медиуми.