Русија го нападна Киев со балистички ракети

Руските сили го нападнаа Киев со балистички проектили. Во главниот град и во низа други области е прогласена воздушна тревога, пишува „Украинска правда“.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, го потврди нападот.

„Експлозии во главниот град. Киев е под балистички напад. Дејствуваат силите на противвоздушната одбрана. Останете во засолништа!“, порача Кличко.

Тимур Ткаченко, началник на Киевската градска воена управа, исто така информираше дека „непријателски напад со балистички проектили е во тек“.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека се регистрирани „брзи воздушни цели над Черниговската област кои се движеле кон Киевската област, а потоа и кон самиот главен град“.

Снема струја

Во најмалку еден киевски округ веднаш по нападот снемало електрична енергија. Државниот оператор „Укренерго“ претходно денеска соопшти дека украинскиот енергетски систем и натаму е под огромно оптоварување, при што нуклеарните електрани делумно се исклучени од мрежата по масовниот руски напад врз клучната инфраструктура ноќта меѓу 7 и 8 февруари.

Состојбата е особено тешка во Киев, каде што жителите веќе со денови имаат струја само еден и пол до два часа дневно. Во наредните денови се очекува пад на температурите до -19 Целзиусови степени, што дополнително ќе изврши притисок врз енергетскиот систем.