Проруските сепаратисти и Украинската национална гарда разменија обвинувања дека денеска не го отвориле хуманитарниот коридор за напуштање на украинскиот град Мариупол. Ова беше втор обид на страните да организираат ваква рута, објави Ројтерс.
Телевизискиот канал „Украина 24“ прикажа борец од Азовскиот полк на Националната гарда, кој рече дека руските и проруските сили кои го опкружуваат пристанишниот град со околу 400.000 луѓе продолжиле да ги гранатираат областите кои требаше да бидат безбедни.
Интерфакс цитираше претставник на сепаратистичката администрација во Доњецк кој ги обвини украинските сили дека не го почитуваат ограничениот прекин на огнот.
Портпаролот на сепаратистите рече дека само околу 300 луѓе го напуштиле градот. Претходно, украинските власти соопштија дека имаат намера да евакуираат повеќе од 200.000 луѓе од Мариупол.