Втората рунда разговори меѓу делегациите од Украина и Русија за ситуацијата во Украина е планирана за в среда, јавуваат руските државни медиуми.
Руската новинска агенција ТАСС во вторникот цитираше извор од руска страна кој вели дека среда, 2 март, е датумот за кој двете страни првично се договориле.
Руската државна новинска агенција РИА додаде дека втората рунда разговори ќе се одржи во Белорусија во близина на белоруско-полската граница и го цитира белорускиот политичар Јуриј Воскресенски, кој според нив е блиску до разговорите. Според Воскресенски, првите членови на делегациите се очекува вечерва да пристигнат во главниот град на Белорусија, Минск.
Првата рунда разговори во понеделникот траеше пет часа и заврши без пробив.
Украинските власти допрва треба да потврдат дека среда е датумот за вториот круг разговори.