Обвинителката и екс-шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска во изјава за медиумите, на прашање околу снимката за тоа дека еден од обвинетите за „Организатори 27 април“ намерно бил „заборавен“ во притвор, посочи дека тоа е извадено од контекст.
Според неа, законот е поставен така што никого не може да заборавиш.
„Не, апсолутно не може. Таа снимка излезе во јавност уште некаде не знам, крајот на јули или почетокот на месец август. Законот е така поставен што никого не можеш да го заборавиш во притвор, значи 30 дена мораш или да бараш укинување или продолжување на притворот, тоа е одлука на судот. Тоа е извадено од контекст, во првите два месеци ќе ги собирав доказите и се прошируваше истрагата, и не беше повикан да даде исказ Владимир Атанасовски, и тоа е тоа наводно заборавање“, вели Русковска.