САД ги повлекуваат трупите: „Трамп едноставно ја измисли бројката“

Високи функционери на НАТО не биле претходно информирани за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп во наредните шест до дванаесет месеци да повлече 5.000 војници од Германија, а за неа дознале дури откако Пентагон ја објавил во петокот. Одлуката следела по судирот со германскиот канцелар Фридрих Мерц поради неговите критики на американската војна во Иран, пишува Euronews.

Нејасна одлука без стратегија

Неочекуваното соопштение отвори бројни логистички прашања, како од каде и на кој начин ќе се повлечат единиците. Исто така, не е јасно како оваа одлука ќе влијае на целокупната воена позиција на одбранбениот сојуз, изјавиле за Euronews неколку извори запознаени со ситуацијата. Трамп во саботата изјавил дека присуството на американските сили во Германија ќе биде намалено „многу повеќе“ од првично најавените 5.000, но не појаснил ниту за колку, ниту кога би се случиле дополнителните намалувања.

Според изворите, објавата што го изненадила и самото НАТО-командување не содржи никакви детали. Вашингтон не прецизирал дали Германија ќе ја напуштат војници од ротациски состав што нема да биде заменет, воздушна ескадрила или единици што претставуваат основна воена формација.

„Не знаеме за какви сили станува збор — дали е тоа јадрото на некоја бригада? Воздушна ескадрила?“, изјавил за Euronews Иво Даалдер, поранешен американски амбасадор во НАТО. „Нема никакви детали затоа што Трамп едноставно ја измисли таа бројка“, изјавил друг американски извор за Euronews.

Воените стратези го намалуваат значењето на влијанието што би го имало намалувањето од 5.000 американски војници врз безбедносната состојба во Европа. Тие истакнуваат дека природата на војувањето се променила и дека помалку се потпира на војници на терен, а повеќе на технологија и напредно вооружување.

Дополнително, неколку европски сојузници, особено Германија, значително ја зајакнале својата одбрана во текот на изминатата година. Земјите од НАТО биле подготвени за можни ревизии на американското воено присуство, свесни дека тоа може да се случи во секој момент. Сепак, очекувале дека за секоја таква одлука што директно влијае врз европската безбедност и територијата на НАТО ќе бидат консултирани.

Реакција на критиките од Берлин

Функционерите на НАТО сметаат дека тајмингот на објавата е поврзан со реакцијата на Трамп на изјавите на германскиот канцелар Фридрих Мерц. Тој неколку дена претходно изјавил дека Иран ги „понижува“ САД и дека Вашингтон влегол во војна со лошо осмислена стратегија.

„Бројката од 5.000 е произволна, Трамп ја извади од ракав затоа што сакаше да направи демонстративен потег во неговиот пресмет со Мерц“, изјавил американски извор за Euronews. Трамп во средата навечер, по изјавите на Мерц, објавил дека Пентагон „разгледува“ намалување на американското присуство во Германија.

Подоцна додал дека „германскиот канцелар треба да посвети повеќе време на завршување на војната меѓу Русија и Украина… и на поправање на својата скршена земја“. Неколку часа подоцна, главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, изјавил за Fox News дека министерот за војна „наредил повлекување на околу 5.000 војници од Германија“.

Белата куќа исто така била лута на европските сојузници затоа што ги одбиле повиците на Трамп да се приклучат на војната во Иран. Тој остро ги критикувал некои од нив, како и самиот НАТО, опишувајќи го како „тигар од хартија“. „Да речеме вака, помина многу малку време од првата најава на Трамп дека ‘разгледува’ намалување на војниците до оваа ненадејна објава“, изјавил друг извор од НАТО.

„Трамп не разбира како се штитат американските интереси“

Во меѓувреме, Алисoн Харт, портпаролка на генералниот секретар на НАТО Марк Руте, објавила соопштение во кое стои: „Соработуваме со САД за да ги разбереме деталите. Оваа прилагодување ја нагласува потребата Европа повеќе да инвестира во одбраната и да преземе поголем дел од одговорноста за нашата заедничка безбедност.“

Американските сили се стационирани во Германија уште од Студената војна, а денес бројат повеќе од 36.000 активни војници. Нивното присуство не се смета само за наследство од тој период, туку и за важна проекција на американската моќ на глобално ниво.

Според поранешниот амбасадор Иво Даалдер, токму тоа администрацијата на Трамп не го разбира. Тој вели дека Трамп, со намерата да ги казни европските сојузници поради неучество во војната во Иран, ја промашува пошироката слика.

„Тој мисли дека со повлекување на трупите може да ги казни сојузниците, но всушност ги штети американските интереси“, изјавил Даалдер. „Со тоа само покажува дека не разбира како се штитат американските интереси.“

„Тој верува дека ја држиме војската во Европа само за да им правиме услуга на другите“, додал Даалдер во телефонски разговор за Euronews. „Но, вистината е дека Европа за САД веќе не е ни прва, ни втора, ни трета, па дури ни четврта приоритетна цел.“