САД изгубија воена опрема вредна речиси 2 милијарди долари во Иран

Во првите четири дена од воените операции против Иран, кои започнаа во саботата, САД изгубиле воена опрема во вредност од речиси две милијарди долари, според проценките и податоците што ги собра агенцијата Anadolu Agency, пишува Anadolu.

Уништена опрема

Најголемата поединечна загуба е американскиот радарски систем за рано предупредување AN/FPS-132 во воздухопловната база Ал Удеид во Katar, вреден 1,1 милијарда долари. Системот бил погоден во ирански ракетен напад во саботата, а Катар потврдил дека радарот е оштетен.

Иран, исто така, објави дека ја уништил радарската компонента AN/TPY-2 од противбалистичкиот ракетен систем THAAD во Ал-Руваис во ОАЕ, чија вредност се проценува на 500 милиони долари. Сателитските снимки од отворени извори укажуваат дека дошло до погодок.

Во неделата, во инцидент со пријателски оган на кувајтската противвоздушна одбрана, биле изгубени три борбени авиони F-15E Strike Eagle. Иако сите шест члена на екипажот преживеале, трошокот за уништените летала изнесува 282 милиони долари.

За време на почетниот напад во саботата, Иран го погодил и седиштето на Петтата флота на американската морнарица во Манама во Бахреин, уништувајќи два терминала за сателитска комуникација AN/GSC-52B во вредност од околу 20 милиони долари, како и неколку поголеми објекти. Вкупните загуби на американската воена имовина во регионот достигнуваат 1,902 милијарди долари.

Напади врз американски бази

Иран од саботата таргетирал најмалку седум американски воени локации на Блискиот Исток: седиштето на Петтата флота во Бахреин, кампот Арифјан, воздухопловната база Али Ал Салем и кампот Бјуринг во Кувајт, базата Ербил во Ирак, пристаништето Џебел Али во ОАЕ – најголемото пристаниште за пристанување на американската морнарица во регионот – како и воздухопловната база Ал Удеид во Катар.

Во Кувајт, снимки од неделата попладне покажале урнати кровови на повеќе објекти во рамки на базата Али Ал Салем. Кампот Арифјан бил местото каде загинале шест американски војници. Снимка од кампот Бјуринг, исто така направена во неделата, прикажува дрон како го надлетува објектот пред да експлодира во неговиот периметар.

Снимки и фотографии потврдени од The New York Times покажуваат дека Иран во саботата и неделата повеќепати гаѓал воен објект на меѓународниот аеродром Ербил во Ирак, каде што се стационирани американски сили. На снимките се гледа чад и пламен, а сателитските фотографии од неделата наутро откриле дека четири објекти во базата се оштетени или уништени, додека пожарите гореле и во понеделникот.

Сателитски снимки од пристаништето Џебел Али во Дубаи од неделата покажуваат чад што се издига од голема зграда во рамки на оградената рекреативна зона на американската морнарица. Иако не станува збор за официјална американска база, Џебел Али е едно од пристаништата што морнарицата најчесто го користи.

На мета и дипломатски претставништва

Покрај воените бази, на мета на нападите се нашле и американските дипломатски претставништва во Саудиска Арабија, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.

Амбасадата на САД во Ријад била погодена со два дрона. Саудиското Министерство за одбрана известило за „ограничен пожар и помала материјална штета“, а според пишувањето на The Washington Post, погодена била и станица на ЦИА во рамки на комплексот.

Амбасадата на САД во Кувајт била нападната со беспилотни летала и проектили, во напад што кувајтските власти го опишале како „брутален“. Во близина на комплексот бил забележан чад, а амбасадата е затворена „до понатамошно известување“, со евакуација на персоналот кој не е неопходен, како и на нивните семејства.

Американскиот конзулат во Дубаи бил погоден, според сомнежите, од ирански дрон кој удрил на паркингот покрај зградата. Избувнал пожар кој локалните власти брзо го ставиле под контрола. Комплексот на конзулатот претрпел одредена штета, но без поголеми структурни оштетувања.