Свет

САД кратат дел од воената помош за Македонија, парите ги пренасочуваат кон Латинска Америка

САД кратат дел од воената помош за Македонија, парите ги пренасочуваат кон Латинска Америка

Соединетите Американски Држави ќе пренасочат дел од воената финансиска помош наменета за Северна Македонија, како дел од новата политика на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за поголем фокус кон земјите од Западната хемисфера.

Американскиот Стејт департмент го известил Конгресот дека вкупно 52 милиони долари од програмата за странско воено финансирање, досега предвидени за Северна Македонија, Словачка, Тунис и Ирак, ќе бидат пренасочени кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија, објави „Асошиејтед прес“.

Засега не е објавено колкав дел од вкупните 52 милиони долари бил конкретно наменет за Македонија, ниту колку средства земјава ќе загуби со новата распределба.

Од Стејт департментот нагласуваат дека пренасочувањето не значи целосно укинување на американското воено финансирање за Македонија, Словачка, Тунис и Ирак. Точниот износ што ќе остане достапен за секоја од овие земји, сепак, сè уште не е познат.

Македонија и Словачка се членки на НАТО, а одлуката доаѓа во период кога администрацијата на Трамп бара од европските сојузници да издвојуваат повеќе средства за сопствената одбрана.

Вашингтон сега поголем дел од средствата насочува кон Централна и Јужна Америка. Според американската администрација, парите треба да помогнат во борбата против трговијата со дрога, обезбедувањето на Панамскиот Канал и спречувањето други држави да воспостават поголемо стратешко присуство во регионот.

Одлуката следува по посетата на американскиот државен секретар Марко Рубио на Колумбија, Еквадор и Перу, каде што најави дополнителна американска поддршка за земјите од регионот.

Програмата за странско воено финансирање им овозможува на партнерските држави со средства од американскиот буџет да набавуваат воена опрема и услуги од американски компании.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје 15.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни