Свет

САД првпат официјално потврдија: Распоредиле оружје во вселената

САД првпат официјално потврдија: Распоредиле оружје во вселената

Соединетите Американски Држави имаат распоредено оружје во околуземна орбита, соопштија Вселенските сили на САД, род на вооружените сили задолжен за операции во вселената. Ова е прва официјална потврда за постоење на вакви американски воени способности во вселената, пренесе Франс прес.

„Соединетите Американски Држави располагаат со вооружени системи за вселенска контрола во орбита, способни да ги заштитат заедничките вооружени сили од непријателски дејства на противници“, стои во официјално соопштение на Вселенските сили на САД. Притоа не се прецизира кои се конкретните системи и што можат, наведува Бугарската телеграфска агенција (БТА).

Според истите извори, поимот „вселенска контрола“ ги опфаќа сите мисии за остварување и задржување контрола врз вселенската средина, со употреба на кинетички и некинетички средства што можат да влијаат врз воените способности на противникот. Овие капацитети може да се применат и за офанзивни и за одбранбени цели.

Вселенските сили на САД го оправдуваат разградувањето со присуството и активностите на двата главни геополитички ривали – Русија и Кина. Според нив, Кина развива и распоредува вселенски и противсателитски способности како дел од стратегија за воена модернизација, додека Русија го третира вселенскиот простор како боиште и смета дека вселенската надмоќ ќе биде клучен фактор во идните конфликти.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни