Соединетите Американски Држави од денеска официјално воведоа нов пакет увозни тарифи за стоки од околу 60 земји, меѓу кои се Европската Унија, Кина, Индија, Австралија и Бразил. Новите давачки, кои се движат меѓу 10 и 12,5 проценти, се однесуваат на производи што сочинуваат речиси целокупен американски увоз.
Според Канцеларијата на американскиот трговски претставник, тарифите стапија на сила во петокот наутро и претставуваат нов чекор во трговската политика на администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Од Белата куќа порачаа дека претседателот ќе продолжи да ги користи сите законски механизми за остварување на своите трговски цели, без оглед на претходните судски одлуки што ги оспорија дел од неговите мерки.
Новите царини следуваат по повеќемесечна истрага во која американските власти оценија дека во дел од земјите се користи принудна работа при производството на стоки што се извезуваат во САД, како и дека не се преземаат доволно мерки за спречување на таквите практики.
Одлуката предизвика остри реакции кај американските трговски партнери. Европската Унија ги оцени тарифите како неоправдани, а високата претставничка за надворешна политика Каја Калас ги нарече „негативно изненадување“ и ги отфрли обвинувањата за принудна работа. Швајцарија исто така ги негираше обвинувањата, додека Норвешка соопшти дека нема да возвраќа со контрамерки.
Бразил ја отфрли тарифата од 12,5 проценти и побара реципроцитет во трговските односи, додека мексиканските власти тврдат дека новите мерки нема да ја променат ефективната царинска стапка што моментално ја плаќаат нивните извозници. Австралија, пак, потегот на Вашингтон го оцени како „целосно неоправдан“.
Американската администрација посочува дека од тарифите се изземени одредени производи, меѓу кои нафта, природен гас и стоки што не можат да се произведуваат во САД. Дел од земјите добија пониска стапка од 10 проценти затоа што презеле мерки за спречување на принудната работа, но Вашингтон предупредува дека е подготвен да ги задржи или дополнително да ги прошири тарифите доколку процени дека нема доволен напредок.
Експертите сметаат дека новите мерки нема веднаш значително да ги зголемат цените за американските потрошувачи, бидејќи претставуваат продолжување на постојниот тарифен режим. Сепак, ефектите врз цените и меѓународната трговија би можеле да станат повидливи во наредните месеци.
Во меѓувреме, Белата куќа продолжува со нови трговски истраги и најавува дополнителни увозни давачки, вклучително и царина од 50 проценти за одредени производи од Канада, која треба да стапи во сила следниот месец.