Поддршка за Преспанскиот договор, негово целосно имплементирање и продолжување на реформите. Ова се пораките кои американската администрација денеска ги испорача во Скопје преку вториот човек на Стејт департментот, Џон Саливaн. Во пресрет на финалната фаза од уставните измени, Саливaн ги повика пратениците да се издигнат над партиските интереси и да гласаат за иднината на Македонија.
-Ја сметаме Македонија за лидер во регионот поради нејзините заложби за мир и соработка. Имам да изразам пофалби за премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров како и за храброто лидерство на оние пратеници во Собранието кои во октомври го презедоа потребниот чекор за да обезбедат посветла иднина за Македонија. Вашите гласови ја ставија вашата земја на патот кон побезбедна и просперитетна иднина. Поттикнуваме повеќе пратеници да ги стават настрана партиските интереси и да останат фокусирани на заедничката стратегија. Нема алтернатива, надежите ви се на дофат – рече Саливан.
Запрашан за руското влијание во регионот, заменик-државниот секретар на САД, рече дека Русија сака да го поткопа Договорот меѓу Македонија и Грција и дека ќе направи се што е во нејзина моќ да го попречи членството во НАТО.
-За време разговорот денеска потенцирав дека во Република Македонија создаваме услови за политички амбиент кој ќе ја овозможи реализацијата на договорот од Преспа во целост, дека ги сведуваме ризиците на минимум и дека нема да ги препуштиме процесите на било каква случајност. Успешната завршница на овој процес во Собранието на овој процес е нашиот билет за членство во НАТО – истакна Заев.
Во текот на денот, Саливан се сретна и со претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, собранискиот спикер Талат Џафери и неколку пратенички групи.
Инаку, Џон Саливан е највисок функционер на Стејт департментот кој од 2001 година доаѓа во официјална посета на Македонија. Неговата посета е во рамки на турнејата низ повеќе европски метрополи, меѓу кои, освен Скопје, ќе ги посети и Братислава, Виена, Софија, Сараево и Варшава.
Репортер: Данче Азманова
