Процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан е незаменлив инструмент за обезбедување траен мир и стабилност и тој мора да продолжи со засилено темпо. Ова е клучната порака што ја упатија лидерите на Европската народна партија (ЕПП), најбројната политичка групација во Европскиот парламент, на состанокот одржан во Сараево.
Самитот на европските десничари во Босна и Херцеговина следува непосредно по минатонеделниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа во Тиват, Црна Гора.
Вебер: Брисел го смени пристапот, но реформите остануваат услов
Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, истакна дека Брисел направил стратешки пресврт во својата политика кон регионот.
„Брисел го промени пристапот кон проширувањето – од бирократски во геополитички. Сепак, принципот според кој напредокот зависи исклучиво од спроведувањето на реформите нема да се менува“, порача Вебер, дополнувајќи дека кај граѓаните во земјите-членки сè уште постојат одредени сомнежи и затоа мора јасно да се дефинира каде се границите на Унијата и што навистина ѝ припаѓа на Европа.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ предупреди дека Унијата не смее да дозволи регионот предолго да чека во „чистилиштето“ за членство. Тој призна дека во ЕУ долго време немало политичка волја за прием на нови членки, но дека ситуацијата драстично се променила по руската агресија врз Украина.
„Овој момент мора да се искористи. Кој знае кога ќе се укаже нова ваква можност“, дециден е Пленковиќ, кој упати критика дека Хрватска „не е среќна“ поради бавното темпо на реформите кај дел од соседите.
Муцунски: Одолговлекувањето не е опција пред геополитичките предизвици
Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, порача дека во сегашниот констелат на глобални односи, ниту Унијата ниту државите од регионот имаат луксуз да губат време.
„Ниту ЕУ, ниту државите од регионот не можат да си дозволат понатамошно одолговлекување на процесот на проширување. Тоа е најдобриот и најефикасниот одговор на сегашните геополитички предизвици“, истакна Муцунски на панелот во Сараево.
Ставовите на Подгорица, Белград и Сараево
На самитот се обратија и други високи претставници од регионот кои ги презентираа своите позиции:
- Црна Гора: Премиерот Милојко Спајиќ се заблагодари за хрватската поддршка и нагласи дека Подгорица не бега од соочување со грешките од минатото, посочувајќи дека црногорските власти активно работат на решавање на прашањето за 14-те исчезнати Хрвати од воениот период.
- Србија: Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, уверуваше дека Белград и понатаму силно се стреми кон ЕУ, иако призна дека Србија, која некогаш беше предводник во преговорите, сега заостанува зад Црна Гора и Албанија.
- Босна и Херцеговина: Претседателката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, потенцираше дека за европскиот пат на нејзината земја клучен е внатрешниот компромис, вклучително и изменските во изборниот модел кои ќе гарантираат легитимно право на Хрватите, како конститутивен народ, да избираат свои претставници во власта.