Само околу една третина од граѓаните во Македонија користат електронски услуги од државните институции, што ја става земјата значително под просекот на Европска Унија. Според најновите податоци на Евростат, во 2025 година 32,32 проценти од граѓаните на возраст од 16 до 74 години користеле веб-страници или апликации на јавни институции.
Најчесто користени дигитални услуги во земјава биле преземање или печатење официјални обрасци, што го направиле 17,11 проценти од граѓаните. Потоа следуваат барање официјални документи или сертификати со 15,44 проценти, пристап до јавни бази на податоци или регистри со 12,94 проценти, како и пристап до лични информации со 10,96 проценти.
Во споредба со земјите од регионот, Македонија заостанува зад неколку држави. Највисоко користење на е-услуги има во Грција со 71,99 проценти, потоа Хрватска со 65,68 проценти и Србија со 64,23 проценти. Следуваат Црна Гора со 52,39 проценти, Босна и Херцеговина со 37,87 проценти и Бугарија со 35,95 проценти, додека за Албанија и Косово нема достапни податоци.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски неодамна информираше дека Порталот за услуги бележи значителен раст и постепено станува централна точка за електронските услуги за граѓаните. Според податоците за 2025 година, платформата остварила раст од 290 проценти на издадени услуги и 166 проценти зголемување на бројот на корисници.
На ниво на ЕУ, пак, 71,9 проценти од луѓето користеле е-услуги на јавните институции, што претставува пораст од 1,9 процентни поени во споредба со 2024 година. Највисоко ниво на користење е регистрирано во Данска со 98 проценти, Холандија со 96,2 проценти, Финска со 96,1 проценти и Шведска со 96 проценти. Најниско ниво има во Романија со 24,1 проценти, како и во Бугарија и Италија.
Во ЕУ, граѓаните најчесто ги користеле е-услугите за добивање информации за услуги, закони или бенефиции, како и за пристап до лични податоци и поднесување даночни пријави.
