Новоизбраниот државен јавен обвинител, Ненад Савески, на денешната седница на Советот на јавни обвинители истакна дека ќе ги запознае јавноста навремено со сите одлуки и дека за сè што ќе следува потребно е малку време за организација на функцијата.
– Првото нешто што го направив откако сум на функцијата беше средба со јавните обвинители во Државното јавно обвинителство. Планирам средби и со јавните обвинители во подрачјата на вишите јавни обвинителства, а потоа и со основните, за да се создадат услови за нормално функционирање – изјави Савески.
На прашање за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за работата на Катица Јанева и СЈО, Савески нагласи дека нема да коментира ничија изјава. Исто така, тој потенцира дека е на функцијата само неколку дена и дека за сите предмети, вклучително и за гласините за „предмети што се чуваат во фиока“, јавноста ќе биде навремено известена.
– Приоритет во овој момент е учеството на седниците, пополнување на испразнетите места и создавање на услови за работа таму каде што има недостаток на персонал. Секое постапување на Јавното обвинителство произлегува од законските регулативи – нагласи Савески.
Во однос на барањата за изземање на обвинителката Ленче Ристовска и случајот со пожарот во Кочани, како и на информациите во врска со гувернерот Трајко Славески, Савески потенцира дека за сите постапки ќе се следат законските процедури и дека јавноста ќе биде информирана преку официјални соопштенија.
– Имајте во предвид, само неколку денови сум на функција. Сè што ќе дојде по редослед на одлучување, ќе биде известено на јавноста преку медиумите – заклучи Савески.
