Претседателот на СДСМ Зоран Заев, и неговите коалициони партнери се договорија да настапат со заеднички кандидат за претседател на пресојните претседателски избори. На вечерашниот состанок постигнале согласност за заеднички кандидат за прв човек на државата. Ваквата одлука била донесена во интерес на сите партии.
„Постигната е начелна согласност на лидерско ниво, партиите од Коалицијата предводена од СДСМ да застанат зад заеднички кандидат за претседател на државата, како и заеднички да настапат на престојните претседателски избори, уште во првиот круг.
Коалицијата предводена од СДСМ, која ја сочинуваат над 20 политички партии, се води искучиво од интересот на граѓаните, интересот на државата и нејзината иднина.
Договорено е да продолжат пошироки консултации во рамки на самите партии, кои се дел од коалицијата, за избор на најсоодветен заеднички кандидат за претседател на државата, во интерес на граѓаните.“, соопштуваат од СДСМ.
Заев утре треба да се сретне со лидерот на ДУИ Али Ахмети, додека во следните денови се очекува да се сретне со двете крила на БЕСА предводени од Африм Гаши и Биљал Касами, како и со лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села. Според последните случувања, повторно се става на маса идејата за консензуален претседателски кандидат.
„Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во име на Коалицијата, ќе ги продолжи консултациите со партиите од албанскиот блок во владината коалиција, како и со други парламентарни и вонпарламентарни партии, од власта и опозицијата, околу можностите да се дојде до заеднички кандидат за претседател на државата, кандидат за кој што ќе застанат граѓаните“, велат од СДСМ.