Се бараат берачи на малини: Дневници од 3000 денари, храна и сместување!

Иако официјалниот почеток на сезоната на берење малини во Србија е закажан за неколку недели, огласите за работна сила веќе го преплавија интернетот. Одгледувачите на малини низ земјата алармираат: работници недостасуваат, а интересот е се’ помал со секоја измината година.

На социјалните мрежи и огласни портали веќе се нудат позиции за берачи на малини, со дневни плати кои се движат од 3.000 до 6.000 динари, зависно од продуктивноста и условите што ги нуди работодавачот. Иако не е потребно претходно искуство, работата не е лесна – долги часови на сонце, физичко заморување и потреба од издржливост се дел од секојдневието на берачите.

Андријана Брадиќ, студентка која неодамна работела како берач, за B92.net изјави дека условите биле коректни:

„Имавме сместување, храна и доволно паузи. Платата беше солидна, особено ако се земе предвид колку е тешко да се најде работна сила“, вели таа.

Недостигот на работници ги тера земјоделците самите да учествуваат во бербата, заедно со членовите на своето семејство. Затоа, сè почесто се нудат подобри услови и повисоки плати за да се привлечат берачи. Иако заработката најчесто зависи од количината на набереното овошје, некои работодавачи нудат фиксен надомест за денот, а дел и дополнителни бенефиции како оброци и преноќиште.

Бербата започнува во јуни и трае до крајот на јули. Работата е отворена за сите генерации, но е особено физички напорна, предупредуваат поискусните. Со часови под жешко сонце, во наведната положба, со постојано движење – ова не е задача за секого.

„Најтешко ми беше жештината. Останатото е подносливо – особено ако имаш добра екипа околу себе“, додава Андријана.

Се очекува најголемиот наплив на огласи и работници да се случи кон средината на јуни, кога бербата ќе биде во полн ек. Сепак, земјоделците стравуваат дека и оваа година ќе се соочат со сериозен недостиг од работна сила, што може да влијае на целокупниот принос и квалитет на бербата.