Антикорупциска не поведе иницијатива за кривична одговорност на Кочо Анѓушев, туку му остави на премиерот Заев тој да побара одговорност од него. Вицепремиерот вчера по донесувањето на одлуката на Антикорупциска експресно реагираше и испрати соопштение во кое наведе дека со неговите активности не биле прекршени законите и дека се изземал од постапката. Но, сепак не наведе во која фаза од носењето на владините одлуки било неговото изземање. Го побаравме за поконкретно појаснување, но од неговиот кабинет ни одговорија дека тој нема да коментира се додека не ја добие одлуката што ја донесоа антикорупционерите.
„Вицепремиерот и вчера се изјасни дека нема да коментира ништо додека не ја добие одлуката во писмена форма што ја донесе Антикорупциската. До Комисијата е доставена целосната побарана документација, а за намалување на царинските стапки имал доставено изјава со која се иззема од постапките и одлуките“, велат од Кабинетот на Анѓушев.
Првата антикорупционерка Билјана Ивановска и за 360 степени повтори дека единствено изјава за изземање има само за првата фаза од целата постапка кога било поднесено барање за укинување на акцизите. Но откако ова барање не помина, во втората фаза Анѓушев има средба со полски инвеститор по кое иницијативата стигнува на владина седница. Единствено против ова бил министерот за финансии Драган Тевдовски по што во јавноста имаше гласини дека Анѓушев влегол во конфликт со него и честопати се карал на владините седници.
„Предлог одлуката на Министерството за економија доаѓа на седница на Влада. Побаравме записник и ги побаравме стенограмите. Во записникот стои дека вицепремиерот присуствувал на седницата а од стенограмите гледаме дека тој учествувал во расправата и укажувал на кој начин треба Министерството за економија да ја поправи одлуката за да биде во согласност со барањата кои ги дава Министерството за финансии.“, вели Ивановска.
Инаку, Анѓушев најави дека од 3 јануари си заминува од Владата, бидејќи како што истакна, неговата вклученост во власта влијаело на успешноста на неговите фирми. Доколку премиерот Заев ја прифати иницијативата од Антикорупциска може да поведе постапка пред Собранието за негово разрешување.