Изгледа дека хартиените сламки не се баш еко-решението на кое многумина се надеваа. Имено, не само што брзо се „распуштаат“ и затоа можат да бидат незгодни за употреба, туку содржат, како што покажува новото истражување, ниско ниво на „вечни хемикалии“. Сè уште не е познато како овие хемикалии влијаат врз корисниците на хартиени сламки, но бидејќи се работи за „постојани“ супстанции (PFAS), на кои им требаат векови за донекаде да се разградат – прашање е колку овие сламки навистина се биоразградливи.
Кои се таканаречените вечни хемикалии?
Но, што всушност се „вечните хемикалии“ и колку се тие опасни за нашето здравје? Европската агенција за животна средина наведува дека PFAS се перфлуорирани и полифлуорирани алкилирани супстанции кои можат да предизвикаат здравствени проблеми како што се оштетување на црниот дроб, болести на тироидната жлезда, дебелина, проблеми со плодноста и рак.
„PFAS е група хемикалии кои се користат за правење облоги и производи кои се отпорни на топлина, масло, дамки, маснотии и вода, и има загрижувачки својства бидејќи не се распаѓа во околината, може да ги контаминира изворите на вода за пиење и да се акумулира кај многу видови на копнени и водни животни“, пишува американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Овие соединенија се користат, меѓу другото, за правење нелепливи садови, водоотпорна облека, ткаенини отпорни на дамки, некои козметички производи, некои противпожарни пени и производи кои се отпорни на маснотии, вода и масло. Од повеќе од 12.000 познати варијанти на PFAS достапни денес, две јасно покажуваат негативни здравствени исходи, вклучително и зголемен ризик од рак.
Зошто сламките од хартија се проблематични?
Кога научниците тестирале 39 различни марки на сламки направени од пластика, хартија, стакло, бамбус или нерѓосувачки челик, откриле PFAS во речиси сите материјали. Единствен исклучок беше нерѓосувачки челик.
Многу производи денес содржат PFAS, група од 15.000 синтетички хемикалии, од кои некои можат да бидат токсични за здравјето на животните и луѓето во доволно високи концентрации. Користењето помалку пластика може да помогне да се намалат нивоата на постојани хемикалии во околината, но само ако се користат алтернативи без PFAS.
За да ги направат сламките од хартија и бамбус отпорни на вода, многу производители додаваат PFAS или користат рециклирани материјали кои содржат вечни хемикалии. Како и да е, резултатот е ист – ако користиме хартиени сламки, веројатно внесуваме PFAS во околината, но и во телото, пишува Science Alert.
PFAS откриен во скоро сите хартиени сламки
Во 2021 година, американските научници за прв пат открија PFAS во сламки од растително потекло, што покажува дека потрошувачите можеби внесуваат „сè уште неодредена количина на PFAS“. Сега до исти резултати стигнаа и експерти од Белгија.
Користејќи масена спектрометрија со висока резолуција (техника која ги анализира молекулите врз основа на нивната маса), научниците го анализираа хемискиот состав на 20 хартиени сламки, 5 стаклени сламки, 5 сламки од бамбус, 5 сламки од не’рѓосувачки челик и 4 пластични сламки. Тие бараа 29 различни PFAS.
Во речиси сите хартиени сламки (освен две), тие открија PFAS, иако концентрациите беа прилично ниски и варираат многу помеѓу производите. „Вечни хемикалии“ се откриени и во три марки пластични сламки, две марки стаклени сламки и четири марки сламки од бамбус.
Влијанието на PFOA врз здравјето
Најчестиот PFAS пронајден во сламките беше перфлуорооктаноична киселина (PFOA), забранета во повеќето земји од 2020 година. Оваа хемикалија може да се акумулира во телото на животното, каде во одредени концентрации негативно влијае на развојот и репродукцијата.
ЦДЦ наведува дека сè уште не е познато како ниското ниво на изложеност на PFOA во животната средина влијае на здравјето на луѓето. Но, тој додава дека лабораториските животни на кои им била дадена поголема количина на PFOA имале влијание врз растот и развојот, репродукцијата и здравјето на црниот дроб.
„Малите количини на PFAS, иако сами по себе не се штетни, можат да го зголемат хемискиот товар веќе присутен во телото“, објаснува научникот за животна средина Тимо Грофен од Универзитетот во Антверпен.
Дополнително, откако ќе ги фрлиме хартиените сламки што содржат PFAS, контаминацијата може да продолжи. Ако сламките се рециклираат, хемикалиите би можеле да завршат во новиот производ. И ако сламките завршат на депонија или се изгорат, опасните хемикалии би можеле скришум да се шират со ветер или земја. Грофен предлага користење на сламки од нерѓосувачки челик како еко-решение.
Истражувањето наречено Проценка на поли- и перфлуороалкилни супстанции (PFAS) во комерцијално достапни сламки за пиење со помош на насочени и сомнителни пристапи за скрининг беше објавено во списанието Food Additives and Contaminants.
