Грчкото Министерство за одбрана потврди дека ќе и обезбеди на Украина пешадиски оклопни возила БМП-1 од советско производство, добиени во 1994 година, за исто толку германски оклопни возила Мардер, објави Катимерини.
Веста првично ја соопшти вчера германскиот канцелар Олаф Шолц, кој рече дека се договорил за испорака за време на разговорите со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на самитот на ЕУ во Брисел.
Грчкото Министерство за одбрана најави дека во најбрз можен рок ќе се договорат деталите со германското Министерство за одбрана за да може што поскоро да се спроведе договорот.
Во моментов грчките копнени сили располагаат со 147 БМП-1. Според добро упатени извори, цитирани од „Катимерини“, оригиналната верзија на договорот меѓу Атина и Берлин предвидувала Грција да и обезбеди на Украина 30 оклопни возила од советско производство и да ги замени со исто толку „мардери“.
Оклопните возила БМП-1 беа испорачани во Грција од Германија во раните 1990-ти од инвентар наследен од поранешна ГДР.
Портпаролот на грчката влада Јанис Економу денеска изјави дека Грција и испраќа на Украина опрема што не им е потребна на грчките вооружени сили и ја заменува со помодерно оружје, јави ТВ Скај. „Прво ќе дојдат помодерните, а потоа ќе си заминат старите“, рече тој и додаде: „Не само што нема да ни недостасуваат, туку ќе добиеме и помодерни“.
