Се одолговлекува ли намерно предметот „ТНТ“? Адвокатот Даути бара да се преведат на албански 40 судски рочишта

Судијата Огнен Ставрев го обвини адвокатот Мерџан Даути за одолговлекување на предметот „ТНТ“. Даути, бранител на обвинетата Елизабета Најдовска, побара да се преведат доказите и записниците на албански јазик. Судијата Ставрев, пак, се пожалил до Адвокатската комора.

Од Адвокатската комора, преку допис го известија Судот дека е поведена дисциплинска постапка против адвокатот. Даути негира дека го одолговлекува предметот, додавајќи дека неговата цел е што подобра одбрана на неговата клиентка и дека барањето за превод му го овозможува  Законот за употреба на јазиците.

Инаку, Даути бара да се преведат 40 судски рочишта кои се одржале досега за случајот „ТНТ“. Судијата Огнен Ставрев, рече дека тоа е невозможно, потпирајќи се на Законот за кривична постапка, уверувајќи дека ќе биде обезбеден симултан превод на албански јазик. Пред неколку недели, поради одолговлекување на судската постапка, случајот „Траекторија“ застаре, со што првообвинетиот Никола Груевски се спаси од гонење, а направените судски трошоци ќе треба да му ги надомести државата. Во случајот „ТНТ“ обвинет е екс-премиерот Груевски, екс-министерот Миле Јанакиески, екс-градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, инспекторката за урбанизам во о.Гази Баба Елизабета Најдовска и тројца други вработени во општината. Според обвинението, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и од политичка одмазда го урнале објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното