Се продава дел од уникатниот накит на кралицата Марија-Антоанета

На аукција во Женева ќе бидат понудени дијамантски нараквици кои и припаѓале на кралицата Марија Антоанета.

Според соопштението на аукциската куќа „Кристи’с“, двете нараквици, секоја со по 112 дијаманти, ќе бидат понудени заедно, а првично се проценува дека цената која треба да ја плати нивниот нов сопственик ќе биде од два до четири милиони долари.

„Оваа проценка ја вклучува не само исклучителната вредност на дијамантите, туку и можноста да се посeдува накит кој некогаш го носела познатата кралица Марија-Антоанета“, истакна Сесил Кизамоло, експерт за накит.

Инаку, во 2018 година природен бисер и дијамантски медалјон, кој и припаѓале токму на оваа кралица, беа проценети на еден-два милиони долари, додека пак по наддавањето биле исплатени 36 милиони.

Сега, аукциската куќа проценува дека дијамантите на нараквиците се вредни вкупно меѓу 140 и 150 карати, а друга единствена карактеристика на овие две парчиња накит е тоа што можат да се поврзат и да се носат како ѓердан.

Во 1776 години, само две години откако седнала на престолот, кралицата ги нарачала нараквиците од златарот Чарлс Огист Бомер од Париз, а за нив платила 250.000 фунти, што е голема сума на пари за нејзиното време.

Интересен податок од тоа време е што пред да се обиде да избега од Франција со кралот Луј 16. и нивните деца, таа прво морала да се увери дека нејзиниот накит е испратен на безбедно место надвор од земјата. Па така, тој бил испратен во Брисел, каде што владеела нејзината сестра Марија-Кристина, за подоцна да бидат испратени во нејзината татковина – Австрија, каде што владеел нејзиниот внук, императорот Франц Втори.

Марија Антоанета, последната кралица на Франција пред револуцијата, била обезглавена од револуционерите во Париз, октомври 1793 година, на 37-годишна возраст.