Иселувањето на младите и студентите е проблем со кој се соочува земјава. За 70 години од постоењето на Градежниот факултет, дипломирале седум илјади студенти. Голем дел од нив работат надвор од нашата земја. Овој тренд е поизразен во последните неколку години. Студентите ја земаат дипломата, и веднаш размислуваат како да заминат. Деканот Златко Србиновски вели дека оваа појава не може да се спречи. Но, додава дека нивна задача е што подобро да ги подготват студентите за понатамошниот живот, било да е во нашата земја или во странство.
За зачувување на кадрите зборуваше и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој посочи неколку услови кои треба да ги исполни земјава с цел младите да се чувствуваат побезбедни и посигурно за да останат во земјава, но исто така рече дека приходите во градежниот сектор растат со забрзано темпо.
Додека министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека министерството со кое тој раководи и факултетот се многу поврзани бидејќи моментално работат на составување закони.
Денеска Градежниот факултет при Универзитетот Кирил и Методиј, слави 70 јубилеј. Во рамки на овој настан деканот Златко Србиновски рече дека околу 7 илјади студенти дипломирале на овој факултет за овие 70 години. Инаку Градежниот факултет е формиран во 1949 во истата година кога и Универзитетот во Скопје. На него биле ангажирани кадри кои образованието го завршиле надвор од земјава. Освен тоа биле ангажирани и професионалци од разни држави.
