Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, им се обрати на европски претставници, меѓу кои и комесарката за проширување Марта Кос, како и на сите партии во Европскиот парламент, поради предизборна видеоснимка што ја објавија студенти од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград, а која, според нејзината интерпретација, содржи закана за силување на претседателот Александар Вучиќ, пренесе хрватскиот медиум „Индекс“.
Таа ги повика европските претставници да го погледнат видеото и самите да проценат дали неговата содржина ги поттикнува демократските вредности и политичката култура во јавниот дискурс.
Станува збор за видеоснимка насловена „Србија не го сакаше“, објавена на 19 септември, во која, во црно-бела техника, Александар Вучиќ е во фокусот, по што следуваат пораки од граѓани дека не го сакаат за претседател и дека не е добредојден.
Ана Брнабиќ го нарече видеото „монструозно“ и остро реагираше на деловите во кои, меѓу другото, Вучиќ е заканет со затвор, а последниот кадар прикажува сапун под затворски туш, што таа го протолкува како алузија на сексуално насилство.
„Последниот кадар со сапунот во ќелија е директна закана дека, поради различни политички ставови, во конкретниот случај Александар Вучиќ ќе биде силуван, и дека ваквиот вид казнување треба да се слави и промовира“, напиша Брнабиќ на социјалната мрежа Икс.