Се зголемува бројот на заболени од морбили – откажан најавениот протест пред Министерството

Ситуацијата и понатаму е загрижувачка бидејќи денеска до 13 часот во Клиниката за инфективни болести во Скопје се примени уште седум деца од двегодишна возраст,  заболени од морбили.

Сите деца се на возраст од две години и сите се од населбата Ново Лисиче од Скопје и ја посетувале градинката „Сонце“. За сите нови пријавени случаи се чека лабораториска потврда. Од 16 декември до денес на Клиниката за инфективни болести вкупно биле хоспитализирани 22 лица, од кои 13 се сè уште во болница, а останатите девет се на домашно лекување.

Од Министерството за здравство велат дека до сега се вакцинирани 1692 лица, а само денеска со 13 часот се вакцинирале 85 лица.  Движењето кое е против одлуката на властите, не вакцинираните деца да не се примат во градинки, за денеска најавија протест пред Министерството за здравство. Но протестот беше откажан. На протестот одржан пред една недела побараа да се прифати нивното барање за невакцинирање на децата и тие да бидат примени во градинките.

„Ние ја разбираме загриженоста на родителите, посебно на мајките, за нивните деца. Но исто така ние апелираме, дека и општеството и институциите имаат дел од одговорноста за граѓаните. Конкретно,  во овој случај станува збор за вакцинацијата како превентивно средство за заштита на граѓаните од разни болести, гледано историски, тоа е докажано. Затоа дел од одговорноста ја носат и институциите за здравјето на граѓаните“, изјави Асим Муса – заменик министер за здравство.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното