Возач на „Сеат Алтеа“ му го пресекол патот на 19-годишниот Никола Макрачевски, кој со мотоцикл „Кавасаки“ се движел од спротивната страна, по што при обид да избегне директен судар удрил во „Алфа Ромео“. Од тешките повреди, младиот мотоциклист починал.
Деталите за несреќата во скопско Радишани ги објави Основното јавно обвинителство – Скопје, кое поведе скратена постапка против 46-годишниот возач на „Сеат Алтеа“.
Несреќата се случила на 7 август околу пладне, на крстосницата на улиците „Радишанска“ и „18“, каде што сообраќајот не е регулиран со сообраќајни знаци. Според Обвинителството, осомничениот свртел лево без да им овозможи првенство на возилата што доаѓале од спротивната насока.
Со тоа му го пресекол патот на Макрачевски, кој се движел со мотоцикл „Кавасаки“.
„За да избегне директен судар со автомобилот, мотоциклистот отишол во лево, преминувајќи на коловозната лента наменета за движење возила во спротивна насока“, соопшти ОЈО.
Таму, со предниот дел од мотоциклот удрил во „Алфа Ромео“ што се движел од спротивната страна.
Од силината на ударот, Макрачевски излетал од мотоциклот и паднал на коловозот. Се здобил со тешки телесни повреди од кои починал. Полесно бил повреден и возачот на „Алфа Ромео“.
По несреќата, 46-годишниот возач на „Сеат Алтеа“ го напуштил местото, наместо да им укаже помош на повредените.
МВР вчера соопшти дека по преземените дополнителни мерки, возачот С.О. (46) од Арачиново бил пронајден околу 19:40 часот во селото Арачиново, заедно со возилото, и бил лишен од слобода.
Од МВР претходно беше потврдено дека несреќата била предизвикана без физички контакт меѓу „Сеат Алтеа“ и мотоциклот, односно дека во сообраќајката учествувало и третото возило – „Алфа Ромео“.
Обвинителството го сомничи 46-годишниот возач за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
За обезбедување на неговото присуство во текот на постапката, јавниот обвинител предложил мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола.