Свет

Седум загинати во украински напади со дронови врз Русија

Седум загинати во украински напади со дронови врз Русија

Најмалку седум лица загинаа, а повеќе од 25 се повредени во серија украински напади со беспилотни летала врз цели на руска територија, при што биле погодени логистички објекти и инфраструктурни капацитети.

Според локалните власти, еден од нападите го погодил логистичкиот комплекс на компанијата „Вајлдберис“ во градот Котовск, во Тамбовската област. Во моментот на нападот во објектот биле вработени лица од ноќната смена, при што загинале седум работници.

Од повредените, 23 лица биле пренесени во болници во Котовск и Тамбов, каде им била укажана медицинска помош.

Напади биле регистрирани и на други локации. Пожар избувнал во логистичкиот центар на „Вајлдберис“ во Електростаљ, град кој се наоѓа на околу 50 километри од Москва, како и во складиште за нафта во Московскиот регион.

Информациите за погодените објекти ги објавија и каналите ASTRA и Exilenova+, а снимки од пожарите кои се појавија на социјалните мрежи дополнително беа анализирани преку јавно достапни извори.

Компанијата „Вајлдберис“ е најголемата руска платформа за електронска трговија и често се споредува со американскиот гигант Amazon.

Нападите се дел од пошироката украинска кампања насочена кон руската логистичка и енергетска инфраструктура. Во изминатите денови беа регистрирани и други удари врз индустриски објекти поврзани со производството и снабдувањето со гориво за руските вооружени сили.

Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека системите за противвоздушна одбрана пресретнале 288 украински беспилотни летала над повеќе региони во земјата.

Засега нема независна потврда за сите детали од нападите, а двете страни редовно објавуваат различни информации за текот и последиците од воените операции.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни