Британската национална здравствена служба (NHS) ќе биде првата во светот која на стотици пациенти во Англија ќе им понуди „седумминутна инјекција“ за лекување на рак.
По одобрението од Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), NHS Англија соопшти дека стотици пациенти кои ги исполнуваат условите за имунотерапија ќе ја добиваат инјекцијата секоја година, пренесува Ројтерс.
Според извештаите, времето на лекување на некои пациенти кои имаат рак ќе се скрати до три четвртини. Многумина од нив сега ќе примаат имунотерапија со седумминутна инјекција, наместо интравенска, што трае од 30 до 60 минути, наведува британската агенција.
„Првото воведување на овој третман во светот ќе значи дека стотици пациенти ќе можат да поминуваат помалку време во болница и ќе ослободи драгоцено време во единиците за хемотерапија на NHS. Одржувањето на најдобар можен квалитет на живот за пациентите со рак е од витално значење, така што воведувањето побрзи инјекции ќе направи значајно разлика“, рече Питер Џонсон, директор за рак на NHS Англија.
