Сејдиу: Пожарот на Жеден не е случаен – пронајдени три запалени гуми

Пожарот што избувна на планината Жеден, во близина на општина Желино, најверојатно е подметнат, изјави попладнево градоначалникот Блерим Сејдиу, повикувајќи се на информации добиени од пожарникарите кои интервенираат на теренот.

„Нашите сознанија, информации и од противпожарните единици и пожарникарите што беа овде, се дека се најдени три запалени гуми. Тоа докажува дека е човечки фактор на целиот овој настан“, изјави Сејдиу за медиумите.

Огнот зафати десетици хектари нискостеблеста шума и сува вегетација и поради ветерот брзо се шири.

На терен дејствуваат бројни сили: тетовските пожарникари, армиски хеликоптер, полициски камион МАН со цистерна од 8 тони и воден топ, две теренски возила „пинцгауер“, едно возило „хермелин“, 30 припадници на Армијата, екипи од Скопската бригада за противпожарна заштита и два авиони „ер-трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

Надлежните работат на целосна локализација и истрага за причините за пожарот.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.