Во текот на вчерашниот ден, Собранието го изгласа новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси, според кој се предвидува формирање на нова професионална антикорупциска комисија, со зајакнати надлежности и ефективни механизми за борба против корупцијата.
Министерката за правда, проф. д-р Рената Дескоска, даде образложение за клучните придобивки за граѓаните од овој нов закон.
-Владата предложи закон кој се темели на следните основи: Силна Државна комисија за спречување на корупцијата со зголемени надлежности и ефикасни механизми за спроведување на надлежностите, сериозни критериуми за избор на професионален состав на оваа комисија и транспарентна и инклузивна постапка за избор на членови, коja предвидува учество на претставници на граѓанските организации и медиумите, а не вклучува претставници на Владата – истакна министерката Дескоска.
Во делот на финансирањето на изборните кампањи, внесени се можности секој организатор на изборна кампања, но и набљудувач, да даде приговор на финансирањето на изборните кампања, но уште поважно, внесени се рокови во кои ДКСК мора да постапи.
“Не смее да ни се повтори праксата претставките да завршуваат во фиоките во ДКСК и да се чека да завршат изборите па некогаш да се сработат“ – истакна министерката.
Новина е и обврската ДКСК да врши проценка на ризик од корупција, да детектира области за ризици и да прави годишен план за превентивна проверка на анкетни листови на функционери, на финансирање на политички партии, на јавни набавки и слично, со што ДКСК превентивно прави проверки дури и кога нема сомневања.
