Семејството на Миле Стојкоски од Латово единствено во земјава со три домашни слави

Семејството на Миле и Марија Стојкоски од село Латово, Бродско е единствено или едно од ретките христијански семејства во земјава кое празнува три домашни слави, потврди и свештено лице од Македонски Брод.

Како дошло до тоа ова семејство во три наврати да го слави заштитникот на куќата ни образложи самиот славеник Миле.

-Моето семејство е единствено или едно од ретките семејства во земјава што празнува три домашни слави, Мала Богородица, Свети Ѓорѓија и Свети Никола. Приказната како се споиле трите домашни слави во едно семејство е следната.Татко ми кога дошол домазет од село Манастирец кај мајка ми во село Латово, со себе ја донел домашната слава – Свети Ѓорѓија, а за да не згаснат двете домашни слави во семејството на мајка ми, продолжиле да ги слават и Мала Богородица и Свети Никола и така од двете страни се собрале дури три домашни слави што и денес ги практикуваме, вели Миле Стојкоски.

Тој додаде дека покрај трите домашни слави, гости чека и за селската слава Петровден. Вели дека е пресреќен што цела година е во можност да пречекува гости и дека душата му е весела кога има полна куќа гости. Посочи дека додека е жив во неговиот дом ќе се слават трите слави.

МИА