Северна Кореја осуди маж на смртна казна поради шверц на позната серија – го предале група студенти

Во декември минатата година, Северна Кореја донесе закон за „елиминација на реакционерната мисла и култура“, со кој се забранува воведување и ширење на културен материјал како филмови, драми, музика и книги во земјата.

Човекот кој ја прошверцувал контроверзната серија на Нетфликс – „Squid Game“ во Северна Кореја, наводно, бил осуден на смрт откако властите фатиле група средношколци како го гледаат видеото, пишува „Варајети“, повикувајќи се на Радио Слободна Азија (РФА).

Според овие наводи, студентите се соочуваат со тешки затворски казни и принудна тешка работа.

Извештајот на Радио Слободна Азија се повикува на добро информирани извори, кои тврдат дека серијата била прошверцувана во земјата од Кина на USB флеш драјв. Оваа серија не беше достапна за гледачите, но сепак е популарна благодарение на пиратски веб-страници.

  • Студент кој купил флеш диск ќе биде осуден на доживотен затвор, а уште шест студенти на по пет години напорна работа. Наставниците, но и училишната управа се отпуштени, исклучени од партијата и пратени на работа во оддалечените рудници – се наведува во извештајот на РФА.