Шекеринска меѓу војниците на АРМ во Авганистан: Вие сте нашите амбасадори

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Кабул, Авганистан, е во посета на припадниците на македонскиот контингент во мисијата на НАТО – Алијансата за обука, советување и асистенција на авганистанските вооружени сили „Одлучна поддршка“.

Ова е прва посета на министер за одбрана на македонскиот контингент во Авганистан од 2013 година.

Се вчитува...

Шекеринска утрово во Кабул се сретна со македонскиот контингент кој е дел од Командата за обука, советување и асистенција (КОСА) како и со најстариот национален претставник на Република Македонија, полковникот Кенан Рахиќ. На средбата припадниците на македонскиот контингент ги презентираа пред министерката своите активности во Авганистан, а таа им се заблагодари на македонските мировници за покажаниот професионализам и посветеноста на задачите со што како припадници на АРМ се докажале како посветен и способен партнер на НАТО сојузниците и како амбасадори кои во голема мерка и помагаат на својата земја да стане 30-та рамноправна земја членка на Алијансата.

Во текот на денов министерката ќе се сретне со македонските војници кои се одговорни за безбедноста на главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, со командантот на мисијата, генерал Остин Скот Милер, со највисокиот цивилен претставник на НАТО Корнелиус Цимерман и ќе има уште една неформална средба со македонските мировници во Кабул.

Во Авганистан заедно со министерката Шекеринска, во посета на македонскиот контингет се и заменикот началник на генералштабот на АРМ, Азим Нуредин, како и тројца пратеници – Фросина Ременски, Трајчо Димков и Реџаил Исмаили.

Извор: ТВ21