Шеќеринска на средба со Европскиот директорат: Преспанскиот договор ги намалува ризиците во Македонија и регионот

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска оствари средба со  делегација на Европскиот директорат за надворешни активности предводена од директорот за кризен менаџмент и планирање, Габор Инклоди.  Средбата се случува по неполни два месеци од доставената иницијатива од наша страна Македонија да биде вклучена во европскиот проект за процена на хибридните закани, на која добивме позитивен одговор.

Во разговорите со европските претставници Шекеринска ги информираше  дека Министерството за одбрана ја презема водечката улога на координатор на целиот процес за што веќе е формирано тело и е именуван национален координатор и негови заменици кои се експерти во областа. Во процесот, истакна министерката, ќе учествуваат 27 институции.

„Владата го финализираше Преспанскиот договор со кој, по исполнувањето на обврските и од двете страни, ќе се овозможи полноправно членство на Македонија во НАТО со што ќе се зајакне стабилноста и безбедноста на нашата земја и на регионот и ќе се намалат  ризиците од таков вид. Веќе за неколку седмици Македонија ќе се стекне со право да присуствува и да изнесува мислење на сите состаноци на Алијансата“, рече министерката Шекеринска.

Министерката дополни и дека македонската Влада промовира нова политика на создавање на пријатели наместо непријатели и дека со цел да внесе дух на соработка и помирување во регионот се фокусира на градење мостови и пријателства со соседите. Притоа таа го наведе и Договорот со Република Бугарија, покрај Договорот со Република Грција, како уште еден мост на пријателство и соработка и подвлече дека Македонија е редок пример на држава во регионот која нема отворени прашања со соседите.

Извор: ТВ21