Македонија

Шекеринска: Регионалното заедништво е многу важно

Во касарната „Боро Менков“ во Куманово со воена свеченост се одбележа 22 годишнината од формирањето на Командата за југоисточна Европа, во која членуваат армии на Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција.

„Регионалната стабилност не е избор, туку потреба за сите наши земји и за нашиот регион. Ниту членството во НАТО, ниту членството во ЕУ, нема да ги дадат очекуваните придобивки без нашата регионална соработка. Северна Македонија останува посветена на подобрување на нашата регионална соработка на иницијативи како оваа, но и на продлабочување на нашата соработка во рамките на SEEBRIG“, посочи министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Во рамки на свеченоста се изврши и примопредавање на претседателството кое од Република Албанија го презема Бугарија, која наредните две години ќе ја води командатата.

Министерката порача дека по исполнувањето на една од двете стратешки цели на земјава – членството во НАТО, приоритет е интеграцијата во ЕУ.  Во следните две години, претседателството ќе го преземе Република Бугарија.

„Процесот за соработка на министерствата за одбрана на Југоисточна Европа е исклучителен пример за конструктивна соработка што ја зајакнува меѓусебната доверба и разбирање во Југоисточна Европа. Се обезбедуваат поволни услови за динамичен регионален дијалог и соработка во одбраната и безбедноста“, нагласи Димитар Илиев, генерал – потполковник, заменик – началник на Генералштабот на Бугарија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни