Шест лица избодени со нож во Антверпе – уапсени двајца осомничени

Вечерва во центарот на белгискиот град Антверпен се случи напад со нож во кој се повредени шест лица, во момент додека на плоштадот пред Операта се одржувал протест. Две од жртвите се во критична состојба со тешки убодни повреди, потврди локалната полиција.

Портпаролот на полицијата, Ваутер Браунс, соопшти дека сите повредени имаат убодни рани и дека полицијата привела две лица осомничени за вмешаност во нападот.

Се вчитува...

– Осомничените, според првичните информации, се измешале со демонстрантите, изјави Браунс.

Четири од жртвите биле пронајдени непосредно на плоштадот, додека двете останати биле лоцирани во блиските улици.

Белгиските медиуми јавуваат дека на местото на нападот пристигнале повеќе медицински екипи кои им укажале прва помош и ги транспортирале повредените во болница.

Полицијата засега не открива детали за можните мотиви и карактерот на инцидентот.

– Се спроведува темелна истрага со форензичка анализа на терен, додаде портпаролот.