Основниот кривичен суд Скопје ги донесе конечните одлуки за мерките за обезбедување присуство на осомничените лица опфатени во последната акција на органите на прогонот за лажни ботокси и филери. По испитувањето на сите осомничени, судијата на претходна постапка одреди мерки за вкупно 19 лица.
Обвинителството се премислило за двајца, судот одбил три притвори
Според информациите од судот, надлежното обвинителство првично доставило 11 предлози за определување најстрога мерка – ефективен притвор.
Меѓутоа, по сослушувањето на осомничените, за две лица самото Обвинителство го преиначило предлогот барајќи поблага мерка (куќен притвор). Судот прифатил само едно од овие две барања, додека за второто лице одредил поблага санкција – мерки на претпазливост.
Во однос на останатите 9 предлози за ефективен притвор, судот:
- Уважил 6 предлози – испраќајќи ги осомничените зад решетки.
- Одбил 3 предлози – и на овие тројца осомничени наместо ефективен, им определил мерка куќен притвор.
Земајќи ги предвид овие одлуки, како и останатите предлози кои од самиот почеток се однесувале исклучиво на поблаги мерки, конечниот биланс за осомничените од оваа акција е следниот:
- Ефективен притвор: 6 лица
- Куќен притвор: 4 лица
- Мерки на претпазливост: 9 лица
Обвинителството поведе истрага против 19 лица осомничени за увоз на фалсификувани ботокси и филери без царинска контрола, нивно складирање по домови на роднини и аплицирање на недозволени естетски препарати на пациенти. Меѓу осомничените има лекари од Клиниката за дерматологија и од Дерматолошкиот оддел во Градската општа болница „8 Септември“, но и лекари и сопственици на приватни дерматолошки ординации, како и царински службеник кој, според истрагата, го овозможувал шверцот на сомнителните препарати.
Во акцијата досега се уапсени 14 лица, а за 12 од нив Обвинителството бара притвор.
Во рамки на истрагата, врз основа на претходно обезбедени судски наредби, во Скопје, Струмица и Битола биле извршени претреси на повеќе локации. При акцијата биле пронајдени и одземени поголеми количества медицински лекови и помагала, меѓу кои филери, ботокс и хијалурон, како и 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци, 26.000 денари, патничко возило „порше“, поголема количина парфеми и декларации, мобилни телефони, тревкаста материја и други предмети.
Според Обвинителството, постои основано сомнение дека вкупно 19 лица се вклучени во извршување на кривичните дела злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, како и примање поткуп. Со пријавата се опфатени и шест правни лица.
Истрагата покажува дека во текот на 2026 година, со намера да стекнат противправна имотна корист, седуммина осомничени формирале две криминални групи, на кои подоцна им се приклучиле и останатите. За прикривање на активностите, користеле правни лица од Битола и Скопје како параван. На организиран начин набавувале фалсификувани медицински лекови и помагала, вклучително и ботокс, од Србија, Кореја и Турција, а потоа нелегално ги внесувале во државата за да ги складираат, дистрибуираат, продаваат и аплицираат на трети лица.
Во најголем дел, според истрагата, во ова биле вклучени лекари, кои иако знаеле дека препаратите претставуваат лекови и медицински помагала што не биле увезени согласно прописите, ниту имале соодветни упатства и декларации со одобрение од МАЛМЕД, сепак ги користеле за естетски корекции. Со тоа, според обвинението, била предизвикана општа опасност по животот и здравјето на луѓето.
Посебно е издвоен и случајот со царинскиот службеник, кој, според Обвинителството, примил поткуп во два наврати за да овозможи влез на нелегалната стока во државата без да биде извршена царинска контрола на две пратки со лекови.
Истрагата ги опфаќа и блиски роднини на дел од осомничените, кои, иако знаеле за нелегалните активности, активно учествувале во преземање, складирање и чување на сомнителните лекови и медицински помагала во своите домови.
Јавниот обвинител оценил дека постојат законски основи за определување притвор за 12 осомничени и најави дека до судијата на претходна постапка ќе биде доставен таков предлог. За останатите пет осомничени ќе бидат предложени други мерки за обезбедување на нивното присуство.
Во меѓувреме, Министерството за здравство соопшти дека секое постапување спротивно на законските прописи и медицинските стандарди ќе биде предмет на институционална постапка во соработка со надлежните органи. Министерот за здравство Азир Алиу порача дека безбедноста на пациентите и квалитетот на здравствените услуги остануваат врвен приоритет и апелираше граѓаните да користат услуги исклучиво од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита, потсетувајќи и на начелото на презумпција на невиност.
