Некогаш моделите на „Тесла“ се чекаа со месеци, а денес се натрупуваат на паркинзите. Американскиот производител на електрични возила се соочува со нов предизвик – произвел десетици илјади автомобили повеќе отколку што успеал да продаде.
„Тесла“ првпат по долг период на силен раст се соочува со сериозен дисбаланс меѓу производството и продажбата.
Според најновите податоци, компанијата во првиот квартал од 2026 година произвела повеќе од 408.000 возила, но испорачала само околу 358.000 – што значи дека околу 50.000 автомобили останале непродадени. Таквиот јаз е најголем во историјата на компанијата и јасно покажува дека побарувачката повеќе не ги следи производствените амбиции.
До неодамна „Тесла“ беше синоним за недостиг на возила и долги листи на чекање. Денес ситуацијата е сосема поинаква – автомобилите се натрупуваат на складишта и паркинзи. Аналитичарите предупредуваат дека станува збор за поширок тренд на пазарот на електрични возила.
Почетниот бран на ентузијазам помина, субвенциите се намалуваат, а пошироката публика сè побавно го прифаќа преминот кон електрични автомобили. Со други зборови, пазарот влегува во фаза која некои веќе ја нарекуваат „EV зима“.
Ваквиот развој на настаните може да има сериозни последици. Вишокот автомобили обично значи притисок врз цените, можни попусти, но и намалување на производството во иднина.
За „Тесла“, која со години градела имиџ на бренд чија побарувачка ја надминува понудата, ова претставува значаен пресврт. Експертите предупредуваат дека компанијата ќе мора да ја прилагоди стратегијата – било преку намалување на производството, нови модели или поагресивни цени.
