Шпанија не сака нејзините воени бази да се користат за напади врз Иран

Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес изјави денеска дека Шпанија нема да дозволи нејзините воени бази, кои се користат заедно со САД, но се под шпански суверенитет, да бидат употребени за напади врз Иран, кои Мадрид ги осудува, пренесе британската агенција Reuters.

„Шпанските бази не се користат за таа операција и нема да се користат за ништо што не е предвидено со договорот со САД или што не е во согласност со Повелбата на ОН“, изјави Албарес за шпанските медиуми.

Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес рече дека тоа се однесува и на американските авиони-танкери за дополнување гориво во воздух, како што е „Боинг КЦ-35“, кои се постојано стационирани во Шпанија.

Вкупно 15 американски воени авиони ги напуштиле воздухопловните бази Рота и Морон во јужна Шпанија од почетокот на американските и израелските воздушни напади врз Иран минатиот викенд, според податоците од веб-страницата за следење летови FlightRadar24.

Првично, Обединето Кралство одбиваше да дозволи користење на своите бази за напади врз Иран, пред премиерот Кир Стармер во неделата да ја одобри нивната употреба во име на „колективна самоодбрана“.