Магазин

Што да јадете за време на жештините? Лесната храна е најдобар сојузник против високите температури

Што да јадете за време на жештините? Лесната храна е најдобар сојузник против високите температури

Со порастот на температурите, лекарите и нутриционистите предупредуваат дека покрај редовното внесување течности, правилната исхрана е еден од најважните фактори за полесно справување со летните горештини. Изборот на соодветни намирници може да помогне во одржувањето на хидратацијата и да го намали оптоварувањето на организмот.

Стручњаците препорачуваат во деновите со екстремно високи температури да се консумира храна богата со вода, како што се лубеница, диња, краставици, домати, зелена салата и тиквички. Освен што придонесуваат за подобра хидратација, овие намирници содржат витамини, минерали и електролити кои организмот ги губи преку потењето.

На менито треба почесто да има лесни оброци, како супи, чорби, јогурт, ферментирани млечни производи, како и варен или зеленчук подготвен на скара. Ваквата исхрана полесно се вари и не создава дополнително чувство на тежина и топлина.

Од друга страна, нутриционистите советуваат да се избегнуваат пржена, мрсна и висококалорична храна, бидејќи тие го оптоваруваат дигестивниот систем и можат дополнително да го загреат телото. Исто така, се препорачува ограничување на алкохолот и пијалаците со кофеин, кои можат да ја забрзаат дехидратацијата.

Важен е и распоредот на оброците. Поголемите оброци е најдобро да се јадат во утринските или вечерните часови, кога температурите се пониски, додека во текот на најтоплиот дел од денот се препорачуваат полесни ужини и редовно внесување вода и други безалкохолни течности.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни